Познатиот Шерпа водич, Ками Рита (54) вчера се врати од Монт Еверест по рекордното 30-то искачување на највисокиот врв на светот (8.848 метри), ветувајќи дека ќе се врати повторно следната година. Рита двапати се искачи на Еверест во овој месец, првиот пат на 12 мај!
– Ќе продолжам да се качувам и ќе се вратам следната година, потоа уште една или две години, им рече Рита на новинарите при пристигнувањето на аеродромот во Катманду, главниот град на Непал.
Тој рече дека по пензионирањето како водич, ќе продолжи да работи на планината како лидер на тим или менаџер во базниот камп.
Лани Рита двапати се искачи на Монт Еверест, поставувајќи рекорд за најмногу искачувања на највисокиот светски врв. Неговиот најблизок конкурент за најмногу искачувања на Монт Еверест е колегата Шерпа водич, Пасанг Дава, со 27 искачувања.
Ками Рита првпат се искачи на Еверест во 1994 година и оттогаш тоа го прави речиси секоја година. Тој е еден од многуте шерпа водичи чија стручност и вештини се од витално значење за безбедноста и успехот на странските планинари/алпинисти кои се стремат да застанат на врвот на планината.
Покрај Еверест, Ками Рита се има искачено и на неколку други врвови на Хималите, меѓу кои се К2, Чо Оју, Манаслу и Лоце.
Официјалните лица соопштија дека годинава повеќе од 500 планинари се искачиле на Монт Еверест од непалската страна. Еверест првпат бил искачен во 1953 година од Новозеланѓанецот Едмунд Хилари и од непалскиот шерпа, Тензинг Норгај.