Македонската ракометна репрезентација со пораз се враќа од гостувањето кај Фарски Острови и со тоа го направи патот до СП 2025 многу потежок. Македонија одигра меч под своите можности, и заслужено беше поразена со убедливи 27:34.
Иако негативата е голема, сепак селекторот на Македонија, Кирил Лазаров порача дека ќе се борат до крај, а од публиката побара да дојде во што поголем број и да им даде поддршка.
– Фарските Острови беа подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победија. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде што бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин.
Нивниот напад технички беше речиси перфектен. Иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи минуваа. Не губиме надеж и ќе веруваме до крај.
Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела, изјави Лазаров.
Реванш натпреварот Македонија – Фарски Острови ќе се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 19 часот. Билетите веќе се пуштени во продажба.