Американскиот кошаркар Раџон Рондо, двократниот НБА шампион, објави крај на кариерата, по 975 меча и 16 години минати во најсилната лига на светот.
– Готово е. Не се може повеќе, сакам да минувам повеќе време со моите деца. Го сакав секој момент што го минав во лигата, го ценам заедништвото што имав и можноста да го споделам. Научив многу играјќи кошарка, и благодарен сум што ме направи личност каква што сум, изјави 38-годишниот Рондо.
Првата титула Рондо, четирикратен Ол-стар (2010-13), ја освои 2008 година со Бостон селтикс, а втората 2020-та како член на Лос Анџелес лејкерс. Последните натпревари во НБА лигата ги одигра во сезоната 2021/22, за Кливленд кавалирс.
Во 2018 година, Рондо се здружи со Леброн Џејмс во ЛА Лејкерс, освојувајќи ја титулата по две години, играјќи речиси 25 минути по натпревар. Со тоа, Рондо стана вториот играч кој освоил титула со Селтикс и со Лејкерс, по Клајд Ловлет (1954 година со Лејкерс, односно 1963 и 1964-та со Селтикс).
Во сезоната 2009/10, Рондо беше најдобар во лигата според бројот на „украдени“ топки, четирипати беше биран во одбранбениот тим на сезоната, а трипати, во 2011/12, 2012/13 и 2015/16-та, беше најдобар асистент.
Кариерата ја заврши со просек од 9,8 поени, 7,9 асистенции, 4,5 скока и 1,6 украдени топки на 957 натпревари.