Почна пријавувањето за 20. Скопски маратон, трката ќе биде со ограничен број учесници

Пријавувањето за 20. јубилејно издание на најпознатата и најмасовна атлетска манифестација во Македонија, Скопски маратон што ќе се одржи на 6 октомври (од 8 часот) почна денеска и ќе трае до 20 септември. Право на учество имаат сите државјани на Република Македонија, како и странски, информираат организаторите.

Учесниците во маратонската и во полумаратонска трка на стартот ќе бидат распоредени во четири стартни боксови, според „таргет“ времето што ќе го одберат при процесот на пријавување.

Тие што ќе настапат во штафетниот маратон и во трката на 5км, ќе бидат распоредени во стартни зони кои ќе бидат означени во зоната на старт со името на трката.

Скопскиот маратон има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (АИМС) и се одвива според правила на Светска атлетика (СА) и на Атлетската федерација на Македонија (АФМ).

Организатор на Маратонот е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК Работнички и АК Скопски маратон, под покровителство на град Скопје, Делегација на Европската Унија (ЕУ) и Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Секој учесник што ќе стартува на Скопскиот маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 евра од спонзорот на трката, Виз ер што ќе бидат испратени во периодот од 10 до 20 октомври 2024-та, на е–пошта што учесниците ќе ги остават при процесот на пријавување.

Во стартниот пакет за сите трки вклучена е и маица, но ќе ја добијат само оние што ќе се регистрираат до 29 август. Трката има ограничен број учесници и пријавувањето може да се затвори, доколку се пополни предвидениот број.

Подетални информации во врска со трката може да се најдат на официјалната интернет- страница: http://skopskimaraton.com.mk/.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО