Абердин загуби синоќа Данди на гости, 0:1 и е при дното на табелата во шкотската Премиер лига.
Абердин, тимот за кој настапува центарфорот на македонската репрезентација, Бојан Миовски, на првиот натпревар по изненадувачкото заминување на менаџерот Нил Ворнок во саботата, по само осум натпревари, е во серија 11 лигашки натпревари без победа.
Миовски беше премногу изолиран во нападот, но сепак се „отвораше“ и успеваше да изнуди прекршоци и слободни удари за својата екипа кои останаа нереализирани. Поддршката на плодниот напаѓач ќе биде клучно доколку Абердин сака да ја спаси сезоната.
– Изгледаме нервозно, панично која ја имаме топката. Победувавме на натпревари во Европа и во куповите, но нестабилната форма во лигата „не’ уби“ сезонава. Сега имаме важен натпревар против Мадервел во сабота (на гости), но натпреварите се при крај, изјави привремениот менаџер на Абердин, Питер Левин.
На Абердин кој го претрпе деветтиот пораз во лигата на гости сезонава му претстои грчевита битка за опстаток. Тие се 10-ти на табелата, со 24 бода, три повеќе од претпоследниот Рос канти, односно седум повеќе од последниот Ливингстон.