Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, се одржa промоцијата на книгата “Кхан Тенгри- Во Глечерска Стапица” на истакнатиот македонски високогорец, планинар и алпинист, Здравко Дејановиќ кој во минатите 20-на години има искачено 24 светски врвови.
-По хималјската трилогија мислев дека завршив со книгите за моите искачувања, но некои работи што ми се случија на Кхан Тенгри едноставно морав да ги споделам со сите, рече Дејановиќ на промоцијата, чиј следен предзвик ќе биде искачувањето на врвот Лоце (8.516 метри ) на Хималите, без боци со кислород!
Во книгата на над 100-на страници и со десетици фотографии, Дејановиќ речиси фактографски го пренесува искуството од искачувањето на врвот висок 7.010 метри, на планината Тиан Шан на тромеѓето Кина-Киргистан-Казахстан во Азија.
-Заљубен сум во секој врв што сум го искачувал и што во иднина ќе треба да го искачувам. Со таква љубов тргнав да го искачувам и Кхан Тенгри, кој поради речиси идеалната пирамидална форма на врвот се смета за еден од најубавите на платетата, ќе напише Здравко Дејановиќ, меѓу другото, во книгата.
Битен дел од книгата е уделот на Дејановиќ во „мисијата“ за спасување на двајца колеги-алпинисти. Тие страдале од акутна висинска болест и требало веднаш да бидат евакуирани во што несебично, ризикувајќи го и животот, им помогнал Дејановиќ.
Ова е четврта книга на Дејановиќ, по „Како го искачив К2“, „Анапурна, агонија и молитва“ и „Монт Еверест – ѕвонарот на височините“.