Во пресрет на дуелот со Алборг кој нашиот ракометен шампион Е. Пелистер го игра на домашен терен утре, тренерот на „зелено-белите“, Бранко Ангеловски истакна дека тимот ќе се бори 60 минути за да извлече добар резултат и на најдобар начин да се прости од Лигата на шампионите пред домашната публика.
-Обврска на последниот домашен натпревар ќе ни биде да покажеме една добра игра и да ги израдуваме нашите навивачи. Противник ни е можеби еден од најдобрите тимови во нашата група. Несомнено е зошто се на самиот врв со екипата на Кил. Алборг е екипа која доаѓа од еден европски и олимписки шампион со ѕвезди како Ландин и Хансен, како и со нови ѕвезди кои допрва доаѓаат. Мислам дека навистина ќе треба да уживаме на овој натпревар, да дадеме се од себе и да се поздравиме со добар резултат од ЛШ оваа година и со мисла дека за кратко време повторно ќе бидеме дел од елитата“, вели тренерот на битолчани, Ангеловски.
Дуелот со Алборг од претпоследното 13. коло е на програмата утре од 20.45 часот.