Копа Либертадорес: Во Боливија ќе се игра фудбалски меч на над 4.000 метри!  

Контроверзите околу играњето фудбалски натпревари на голема надморска височина редовно се појавуваат во Јужна Америка.

Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) дозволи натпреварот во Копа Либертадорес меѓу боливискиот Олвејз реди и перуанскиот Спортинг кристал на 20 февруари да се игра во боливискиот град Ел Алто, на 4.083 метри надморска височина!

Официјални лица од јужноамериканската конфедерација го прегледаа стадионот „Вила Инхенио“ кој е со капацитет од 25.000 места и му дадоа „зелено светло“ да биде домаќин на натпреварот од второто коло во Копа Либертадорес.

Контроверзи околу натпреварите на голема надморска височина се редовна појава во Јужна Америка. Меѓусебе спорат земјите околу Андите, како Еквадор, Боливија, Перу и Колумбија, против големите фудбалски нации Бразил и Аргентина.

Во 2007 година, ФИФА забрани играње меѓународни натпревари над 2.500 метри надморска височина, со цел да се зачува здравјето на играчите. Следната година ја промени таа одлука.

Тоа уследи откако земјите од регионот на Андите уверуваа дека е многу поопасно да се игра на висока температура на ниво на морето отколку на голема надморска височина, посочувајќи на повеќе смртни случаи на играчи на терените во Европа.

Стадионот во Ел Алто, сепак, не е највисок во Јужна Америка. Тоа е стадионот „Даниел Алсидес Карион“, кој се наоѓа во Серо де Паско, во централниот дел на Перу, на надморска височина од 4.378 метри.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО