Ник Данлап (20), студент на Универзитетот во Алабама, стана првиот аматер победник на професионален турнир во голф во САД, по пауза од 33 години и триумфот на Фил Микелсон на Тусон опен во 1991 година.
Бидејќи е аматер, Данлап нема да ја добие паричната награда од 1,5 милиони долари!
Играјќи на четвртиот турнир во кариерата, Данлап стана седмиот аматерски победник од 1945 година, и трет од 1957 година.
– Каков импресивен настап на Ник Данлап. Честитки за неверојатната победа, објави Микелсон на X, шесткратниот победник на големите турнири.
– Бев најнервозен досега во животот. Само се обидував да дишам, помалку да погледам наоколу и малку да уживам. Имав илјада различни сценарија во главата за тоа како ќе помине денот, и не поминуваше ништо како што очекував, изјави Данлап.
Актуелниот аматерски шампион на САД беше и единствениот аматер меѓу 156 професионални играчи на „Америкен експрес“ турнирот во Ла Квинта, Калифорнија, долго време познат и како „Боб Хоуп Дезерт класик“.
Данлап и славниот Тајгер Вудс се единствените играчи кои победиле на двата американски аматерски шампионати, на сениорскиот на јуниорскиот.