На премиерлигашкото деби за Ливерпул на мечот против Борнмут (4:0), младиот, 20-годишен Конор Бредли успеа да собори еден долгодецениски клупски рекорд.
Бредли кој се најде во првиот состав на Ливерпул поради повредите на Трент Александер-Арнолд, Енди Робертсон и на Костас Цимикас е првиот фудбалер од Северна Ирска кој на првиот настап во Премиер лигата во дресот на Ливерпул ја забележал првата асистенција.
Според угледниот фудбалски статистичар Маршал Гилеспи, тој е првиот играч од таа земја кој асистирал при постигнување гол за Ливерпул во последните 69 години и 277 дена. Пред него тоа го сторил Семи Смит, против Мидлсброу на „Енфилд“ на 19 април 1954 година.
Менаџерот на „црвените“ Јирген беше полн со пофалби за дебитантот по натпреварот.
-Одигра многу добро, импресивно. Прекрасно дете, добар фудбалер што вредно работи. Тој е дефанзивец, но може и да напаѓа. Можеше да постигне и гол со глава. Како и да е, добар меч за него, бидејќи понекогаш мораш да го заборавиш првиот натпревар. Но не, тој не треба, бидејќи ова е добар почеток за него, рече Клоп.
Бредли им се приклучи на „црвените“ од Данганон јунајтед во 2019 година. Минатата сезона ја мина на позајмица во Болтон, каде што доби три одделни награди за играч на годината.