Барселона ја совлада Осасуна со 2:0 во второто полуфинале во Ријад, и в недела ќе игра против лутиот ривал Реал Мадрид во финалето на шпанскиот Суперкуп.
Во првиот полуфинален натпревар Реал Мадрид го совлада Атлетико со 5:3 по 120 минути игра откако во регуларниот дел беше нерешено, 3:3.
Барса е рекордер со 14 триумфи во Суперкупот. Доколку Каталонците победат во недела, ќе бидат првиот тим што ќе го одбрани трофејот во сегашниот формат.
Барса и Реал Мадрид осумпати играле во финалето на Суперкупот. Поуспешен е Реал со шест победи. Барса беше подобра во 2011-та и лани.
Од 2020 година шпанскиот Суперкуп е турнир со четири тима што се игра во Саудиска Арабија. Во него учествуваат шампионот и вицешампионот во Ла лига и победникот и финалистот во „кралскиот куп“.