Бразилецот Доривал Жуниор (61) ќе ја преземе фудбалскaта репрезентација на Бразил, објави неговиот сега поранешен клуб, Сао Паоло.
Откако пропадна обидот за ангажирање на Италијанецот Карло Анчелоти, челниците на Бразилската фудбалска федерација (ЦБФ) се решија за локалниот стручњак, 61-годишниот Доривал Жуниор, кој од април минатата година е на чело на Сао Паоло.
Најпрвин клубот не сакаше да го пушти, но ЦБФ се согласи да плати обештетување од околу 800.000 евра, по што беше постигнат договор.
-Тоа е како остварување на сонот, што беше возможно поради сработеното во Сао Паоло. Би сакал да им се заблагодарам на сите, како и на навивачите за нивната љубов и поддршка, изјави Доривал Жуниор за клупската интернет страница.
Доривал Жуниор ќе го наследи Фернандо Диниз кој лани беше назначен како привремен избор.
Диниз имаше договор до јуни, но неодамна, по само 184 дена доби отказ поради лошите резултати.
Бразил под негово водство одигра девет натпревари, забележувајќи пет порази со три победи и едно реми.
Новиот бразилски селектор со тренерската работа се занимава од 2002 година и досега работеше само во бразилски клубови.
Најголемиот успех го постигна на клупата на Фламенго, со кого во 2022 година ги освои Копа Либертадорес и Купот на Бразил. Тој ги водеше и Крузеиро, Васко де Гама, Интернасионал, Атлетико Паранаенсе…
Бразил моментално е на шестото место во јужноамериканските квалификации за Светското првенство (СП) 2026 година.
Аргентина води со 15 бодови, Уругвај има 13, Колумбија 12, Венецуела 9, Еквадор осум, а Бразил седум бода од шест меча.