Зверев доби непријатна покана од Германија

На германскиот тенисер Александар Зверев во мај ќе му се суди за злоупотреба на поранешната девојка, потврди судот во Берлин, а пренесува „Дојче веле“.

Зверев, олимпискиот шампион од Токио во 2021 година, е обвинет дека физички малтретирал жена и со тоа и го оштетил здравјето.

Станува збор за Бренда Пате, а 26-годишниот германски ас ги отфрли обвинувањата. Главниот претрес почнува во мај, а деталите судот ќе ги соопшти подоцна.

Во октомври минатата година Зверев беше казнет од судот во износ од 450.000 евра.

За вакви прекршоци во Германија судијата може да изрече казна без судење. Обвинетиот може да ја оспори пресудата задржувајќи ја презумпцијата на невиност и на овој начин Саша во овој случај ќе се соочи со јавна расправа.

Адвокатите на Зверев тогаш оваа постапка ја нарекоа скандалозна и додадоа дека не станува збор за правично судење.

Адвокатскиот тим на Саша ги нападна и медиумите, па Зидојче Цајтунг мораше да го повлече написот, односно интервјуто со Пате.

Зверев потоа ја опиша казната како „целосно срање“ и додаде „дека секој со просечен коефициент на интелигенција може да разбере за што се работи“.

АТП претходно ги истражуваше наводите дека Зверев нападнал друга поранешна девојка Оља Шарипова, но таа истрага беше затворена во јануари минатата година.

Зверев доби дозвола да се натпреварува и моментално се наоѓа во Мелбурн, каде во вторник ќе го започне Австралија опен со меч против сонародникот Доминик Кепфер.

Нејасно е како најавениот судски процес ќе влијае на неговиот распоред, а може многу добро да се совпадне со Ролан Гарос, кој започнува на 26 мај.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО