ВИДЕО: Словенецот во солзи откако слушна дека ќе го суди финалето на Мундијалот

ФИФА го избра својот судија за финалето. Славко Винчиќ ќе стане првиот Словенец кој судел финале на Светско првенство и 23-ти судија во историјата. Одлуката за избор на судијата за финалето му ја соопшти шефот на судиите на ФИФА, Италијанецот Пјерлуиџи Колина. Словенецот се расплака кога ја слушна веста.

-Кога бев назначен, прво бев шокиран, а потоа среќен. Се тресев. Судењето на финалето на Светското првенство е неверојатна чест. Тоа е сон за еден судија, многу сум горд на себе, на мојот тим. Горд сум што ја претставувам мојата земја, Словенија, на најголемиот спортски настан во светот, рече Винчиќ во изјава за ФИФА.

На Винчиќ ќе му помагаат неговите сонародници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ, додека Јорданецот Адам Махадмех е назначен за четврти судија.

Винчиќ е искусен судија кој судел голем број големи натпревари во европскиот и меѓународниот фудбал.

 

Тој го судеше финалето на Лигата на шампионите во 2024 година помеѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, а две години претходно и финалето на Лигата на Европа помеѓу Ајнтрахт и Ренџерс. Судеше на ЕУРО 2020 и 2024 година. Минатата година судеше натпревари на Светското клупско првенство на ФИФА. Ова е второ Светско првенство за Словенецот, откако судеше два натпревари за време на Светското првенство во Катар.

Изборот на словенечкото судиско трио за финалето на најважното натпреварување е секако историско признание и за словенечкиот фудбал и за неговата судиска асоцијација.

-Тешко е да се опише сето ова со зборови, но сум исклучително горд што можам да ја претставувам мојата татковина, Словенија, на најголемиот спортски настан во светот. Мојот тим е исто така горд и ќе дадеме се од себе. Судењето е тимска работа и без Андраж и Томаж немаше да биде можно. Имам голема среќа што ги имав покрај мене во текот на целата моја кариера, рече Винчиќ, заблагодарувајќи им се и на Кланчник и на Ковачиќ.

Ова ќе биде четвртиот натпревар на Винчиќ на турнирот во САД, Мексико и Канада. Претходно тој ги судеше натпреварите Бразил-Мароко и Јордан-Алжир во групната фаза, како и Мексико-Еквадор во осминафиналето.

ФИФА го објави и судискиот тим за натпреварот за третото место помеѓу Франција и Англија, кој ќе се игра во сабота во 23 часот. Венецуелскиот судија Хесус Валензуела ќе го суди натпреварот, потпомогнат од Хорхе Урего и Тули Морено, додека Мароканецот Џалал Џајед ќе биде четвртиот судија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО