Шпанија е првиот финалист на 17. Европско првенство (ЕП) во Германија, откако во полуфиналето во Минхен ја совлада Франција со 2:1. Тоа ќе биде петто финале за Шпанците и можност со четвртата шампионска титула (1964, 2008 и 2012-та) да станат најуспешната репрезентација на континенталните турнири.
Франција поведе во раната фаза од мечот со голот на Коло Муани во 9-та минута, но „фуријата“ со головите на Ламине Јамал и на Дани Олмо, во 21 и 25-та минута направи целосен пресврт, поведе и предноста ја задржа до крај.
Мечот наречен „финале пред финалето“ мина според најавите и очекувањата. Шпанците со „највертикалниот и најефикасен фудбал“ ја забележаа шестата победа во низа на ова ЕП (рекорд на шампионатите) и најдоа начин како да ја пробијат „гранитната одбрана“ на Франција.
🇪🇸 RECORD BREAKERS 🇪🇸
Spain become the first team in European Championship history to win 6 matches in a single tournament, and win 6 games in a row.
1 more game to become the #EURO2024 invincibles…
— William Hill (@WilliamHill) July 9, 2024
На Французите како да не им се веруваше „како погоди“ Јамал, новата ѕвезда по татко Мароканец и по мајка од Гвинеја (Екваторијална), играчот на каталонската Барселона.
Јамал на 13 јули ќе наполни 17 години, што значи дека бил „стар“ 16 години и 362 дена кога го постигна деби голот на ЕП. Претходниот рекорд за најмлад стрелец го држеше Швајцарецот Јохан Вонлантен, кој постигна гол против Франција на ЕП 2004 во Португалија кога имаше 18 години и 141 ден.
Хесус Навас од Севилја за само три дена го престигна Германецот Јенс Леман (38 години и 228 дена) и стана најстариот играч кој играл на полуфинален натпревар на ЕП.
Шпанија на 14 јули во Берлин ќе ја лови четвртата титула европски првак против победникот од денешниот меч меѓу Холандија и Англија.