Она што се најавуваше претходните денови, конечно се случи. Сплитски Хајдук го комплетираше можеби најголемото засилување во богатата историја, потпишувајќи едногодишен договор со Иван Ракитиќ.
Ракитиќ на Пољуд пристигнува по сезоната мината во Саудиска Арабија, и иако имаше важечки договор на уште една година, реши да го раскине и да ја прифати поканата на клубот за кој навива уште од детството.
Тој во вечерните часови, пред стадионот Полуд беше пречекан од неколку илјади навивачи.
– Да ми кажеше некој пред два-три месеци дека ќе бидам овде, ќе му се насмеев. Среќен сум и горд што можам да му вратам нешто на хрватскиот фудбал од се’ она што тој ми даде.
Ми се отвори можноста да дојдам во ХНЛ, а Хајдук беше единствената опција. Среќен сум, ќе уживам овде и едвај чекам да му се приклучам на тимот, да ги почувствувам овие навивачи и што поскоро да почнам, изјави Ракитиќ.
Ракитиќ во кариерата настапуваше за Базел, Шалка, Барселона, Севилја и за Ал Шабаб, а ова ќе биде негов прв клуб во татковината.
Хајдук пак ја чека титулата првак на Хрватска од 2005 година, а навивачите се надеваат дека со помош на Ракитиќ по 20 години би можеле да ја вратат на Пољуд.
Ракитиќ беше еден од клучните играчи на Хрватска, која го освои второто место на Светското првенство (СП) во Русија 2018 година.
Тој ја освои Лигата на шампиони (ЛШ) со Барселона, двапати ја освои Лига Европа (ЛЕ) со Севилја, освои четири титули во Ла лига, четири „кралски’ купа, два шпански Суперкупа, едно клупско СП, а во витрините ги има и швајцарскиот и германскиот куп!