(ВИДЕО) Петер Превц, човекот што прв прелета 250 метри на скии, ја завршува кариерата

Петер Превц, еден од најтрофејните и најпопуларните словенечки спортисти во последните 15 години, најави дека по завршувањето на годинашната сезона во ски-скокови ќе заврши кариерата.

– Срцето е тоа што рече дека е време да се започне нова страница во животот. Горд сум на фактот што за 15 сезони постигнав многу врвни резултати и поставив неколку рекорди, рече Превц (31) на прес-конференцијата.

Тоа значи дека последното натпреварување Превц ќе го има на 24 март, на „неговата“ Планица каде што неговите сонародници на достоинствен начин ќе се збогуваат со него.

Во богатата кариера Превц ја освои титулата севкупен победник во Светскиот куп во 2015/16-та, забележувајќи вкупно 23 победи. Во истата сезона триумфира и на Новогодишната турнеја „Четири скокалници“.

Пред две години на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг тој беше член на словенечката мешана репрезентација која го освои златниот медал. Тој има и сребро во екипна конкуренција од тие Игри.

Поединечно во Сочи 2014 година освои два медала,  сребро на малата и бронза на големата скокалница. Тој има три медали од Светските првенства (СП) и пет од СП во летови. Последниот златен медал во екипна конкуренција го освои пред неколку дена во Кулм.

На 13 февруари 2015 година, во Викерсунд, Превц стана првиот човек што долета до волшебната граница од 250 метри. Тоа беше доволно, иако тој рекорд издража само еден ден, да стане бесмртен.

По Јоже Шлибар, кој во 1961 година прелета 141 метар во Оберсдорф, Превц беше вториот Словенец, светски рекордер.

Во сезоната 2015/2016, Превц беше далеку над конкурентите, изгледаше како Макс Верстапен во ланската сезона во Формула 1, само што разликата беше во тоа што тој немаше совршен мотор да му носи победи, туку само две скии на нозе.

Со 15 победи и 22 пласмани на подиумот и вкупно нереални 2.303 бода во СК таа сезона, тој ги собори рекордите на Австриецот Грегор Шлиренцауер.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО