Бостон селтикс го победи Далас маверикс со 105:98, во вториот натпревар на домашен паркет во финалето на НБА и поведе со 2:0 во серијата до четири победи.
Како и во првиот натпревар, Селтикс победија тимски. Клучен за важниот триумф на Селтикс беше Џру Холидеј. Тој постигна 26 поени (11/14 удари од поле) и 11 скока, а додаде и три асистенции, по една украдена топка и блокада, без загубена топка.
Џејлен Браун постигна 21 поен, со седум асистенции, а Џејсон Тејтум 18 поени, но со очаен шут, 6/22 од поле и 1/7 тројки, но надомести со 12-те асистенции и деветте скока.
Дерик Вајт придонесе во клучните моменти со 18-те поени, пет скока и три украдени топки, а Кристапс Порзингс за 23 минута даде 12 поени.
Од друга страна, Далас беше „шоу на еден човек“, во изведба на Лука Дончиќ кој потешко е повреден и на неколку часа до почетокот на натпреварот не се знаеше дали ќе игра. Покрај веќе старите повреди на десното колено и левиот зглоб, тој играше и со контузија на градниот кош.
Но и покрај се’, Дончиќ одигра натпревар за историјата на Мавс и на НБА. Постигна 32 поени (12/21 од поле) со 11 скока и 11 асистенции, плус четири украдени топки. Со тоа тој стана првиот играч на Далас кој забележал трипл-дабл во НБА финале. Воедно стана и најмладиот (25) играч во финалето со трипл-дабл од 30 и плус поени.
Додуша, Дончиќ имаше и осум загубени топки и четири промашени слободни фрлања. Тој исто така промаши тројка на 28 секунди до крајот, со што ја прокоцка последната шанса на Далас да се врати во мечот, но никој не го обвинува за ништо.
Чудесно е што се’ направи во првите три четвртини, иако повреден, но во клучните моменти кога му беше најпотребно не ја доби потребната помош од соиграчите.
Кајри Ирвинг, кој повторно беше исвиркан од публиката во Бостон затоа што пред пет години ненадејно ги напушти Селтикс, го загуби 12-от натпревар по ред против поранешениот клуб. По овој натпревар, тој има огромен долг кон навивачите на Мавс.
Ирвинг даде само 16 поени, 7/18 шут, ги промаши трите тројки, со шест асистенции. П.Џ. Вашингтон беше единствениот кај Далас кој имаше значаен придонес со 17 поени и 7 скока.
Следните два натпревара ќе се играат во Далас. Но, ако Мавс ги добијат двата, одлучувачките натпревари ќе бидат во Бостон. Навивачите во Гарден веќе бараат да се направи место под сводовите на салата за рекордната 18-та шампионска титулс..