Карлос Алкараз го совлада Александар Зверев со 6:3, 6:1 во четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс, но по тој меч никој не зборува за играта или за резултатот од мечот меѓу тенисерите број два и број шест во светот.
Главна тема се надреалните сцени во третиот гем во првиот сет кога на теренот и на трибините во калифорниската пустина имаше вистинска инвазија од пчели.
Тие прво го нападнаа Алкараз, а потоа и судијата. Следен што настрада беше Зверев. На крајот, роевите пчели се свртеа кон публиката.
Ситуацијата накратко ја спаси дронот што леташе наоколу собирајќи многу пчели и со нив се вивна во небото, оддалечувајќи ги подалеку од играчите, од судиите и од публиката.
Но, дронот не успеа да ги растера сите пчели на кои им требаше малку повеќе време да одлетаат и натпреварот да продолжи.
Тениските натпревари во минатото биле прекинувани поради многу причини, но веројатно за првпат поради инвазија на илјадници пчели.