(ВИДЕО) Динамо го победи Хајдук и во купот, „Торцида“ го демолира Пољуд, направи хаос и низ Сплит

Динамо Загреб славеше на гости против Хајдук (1:0) во Сплит, во полуфиналниот меч од Купот на Хрватска, и во финалeто ќе игра против Риека.

Mечот го одбележаа тешките инциденти и дивеењето на домашната навивачка група „Торцида“. Стотици нејзини членови по поразот на Хајдук ја пробија заштитната ограда и тргнаа низ теренот кон гостинските навивачи, „Бед блу бојс“ од Загреб.

Со запалени факели сплитските хулигани за малку ќе стигнеа до лутите ривали, но во последен момент ги спречи полицијата. За среќа и фудбалерите на двата тима навреме се повлекоа во соблекувалните.

Но настрада дел од стадионот Пољуд. Навивачите ги корнеа столчињата и ги фрлаа на патеката покрај теренот, бесни поради поразот и лути на полицијата која ги опколи на теренот, по што конфликтот продолжи на трибините.

Медиумите од регионот пишуваат за тоа што се случувало во Сплит, најмногу користејќи го зборот хаос, за да опишат се’.

„Сликата од Пољуд кружи на интернет“, пишува Б92.нет и се’ опишува како „скандал во Хрватска“. „Општа војна на сплитските улици по дербито: Тепачки и хаос на сите страни, хулиганите демолираа половина град“, е насловот на Телеграф.

Полицијата соопшти дека привела 51 лице поради нередите и оти лекарска помош побарале тројца полицајци. Оштетено е и едно службено возило.

Во соопштението се додава дека по натпреварот, во и околу стадионот, во неколку наврати поголеми групи луѓе ја нападнале полицијата фрлајќи кон нив запаливи предмети, шишиња, камења и друго.

Во нередите биле запалени и голем број контејнери, поради што биле ангажирани пожарникари кои со поддршка на полицијата ги гаснелa пожарите. Полициските службеници ги придружувале пожарникарите при интервенциите за да не бидат и тие нападнати.

Пред полноќ ситуацијата се смирила, а во текот на ноќта полициските службеници останале на јавните градски површини за да спречат евентуално повторно собирање на насилниците.

Полицијата ги придружувала гостинскиот тим и навивачите за да спречи евентуални напади и навивачки конфликти, се додава во соопштението.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО