(ВИДЕО) Дибала ги одбил милионите од Саудиска Арабија и ќе остане во Рома?

Аргентинецот, Пауло Дибала го направи она што повеќето фудбалери не би го направиле. Тој одбил најмалку 75 милиони евра што би ги добил за три години од Ал Кадсија, од Саудиска Арабија и ќе остане во Рома за 11 милиони евра бруто до крајот на сезоната и на договорот.

„Сензационално. Дибала им рекол не на понудените и веќе договорени 75 милиони евра со Саудијците. Благодарам Рома, се гледаме во недела“, пишува Газета дело Спорт и ги открива деталите околу неверојатниот пресврт.


– Дибала најпрво ја прифатил фантастичната понуда од саудискиот клуб, по што следуваа преговори меѓу Ал Кадсија и Рома. Саудијците им понудија на Италијанците отштета од три милиони евра и бонуси.

Тоа е далеку помалку од 12-те милиони колку што беше клаузулата од договорот на Дибала до крајот на минатиот месец. Но, Рома сепак реши да го пушти затоа што го ангажира пред две години без обештетување. Договорот му завршува следното лето, и, што е најважно, Дибала сакаше да си замине.

Во истовреме во кампот во Тригорија тој се прегрнал и се збогувал со соиграчите и со тренерот, а имало и солзи. Навивачите се собрале пред кампот и го молеле да остане.


Доаѓале сè повеќе навивачи, нивните молби станувале се’ погласни и помногубројни на радио емисиите и на социјалните мрежи.

Поради сетоа тоа, Дибала ги известил клубовите дека сака неколкучасовен тајм-аут за да одлучи дефинитивно што ќе прави. На крајот избрал да остане во Рома, иако не му е загарантирано местото во тимот во новата сезона“.

Кога навивачите чуле што одлучил Дибала, среде ноќ се нашле пред неговата куќа во Рим, скандирајќи го неговото име. Дибала излегол во дворот и ги поздравил, што уште повеќе ги израдувало.

Дибала дојде во Рома летото 2022 година, откако Јувентус не сакаше да му го продолжи договорот по седумте години во клубот.

Навивачите на Рома го обожуваа Дибала од почетокот. Веднаш штом потпиша за Рома, тој го собори рекордот за продадени дресови во еден ден, што во Италија го држеше Кристијано Роналдо по пристигнувањето во Јувентус. Аргентинскиот напаѓач постигна 34 гола и имаше 18 асистенции на 78 натпревари за Рома.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО