(ВИДЕО) Бизарна ситуација, Словенецот ја промаши целта, но сепак победи

Словенецот Примож Роглич победи на индивидуалниот хронометар низ улиците на Ирун, со кој почна 63-то издание на еднонеделната велосипедска трка во Баскија.

Делницата од 10 км, во едно категоризирано искачување, Роглич ја мина за 12,34 минути, време што ниту еден од неговите конкуренти не успеа да го надмине.

Роглич можеше да постави и подобро време, но на последниот свиок, наместо да сврти кон целта, тргна по сервисниот пат, па мораше да застане и да се врати назад, во маневар при што загуби 10 секунди.

Сепак, ни тоа не го спречи да ја прослави првата победа во дресот на германскиот тим Бора-хансгрое, во кој се пресели сезонава од Визма. Во холандскиот тим тој ги постигна најголемите успеси во период од осум години, станувајќи трикратен победник на шпанската Вуелта и победник лани на италијанскиот Џиро.

За Роглич ова е 81. професионална етапна победа во кариерата, петта на трката во Баскија, на која двапати беше вкупен победник (во 2018 и 2021 година). Сите пет етапни победи Роглич ги постигна на индивидуалниот хронометар.

Данецот Јонас Вингегард, кој заостана 15 секунди, ја брани минатогодишната титула, а Роглич и Ремко Евенепул треба да му бидат најголемата пречка на патот до втората последователна победа.

Велосипедистите ги очекуваат уште пет етапи, а денеска во прв план треба да бидат спринтерите.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО