Левиот бек Дмитро Горига (26) следната сезона ќе настапува за Вардар. Репрезентативецот на Украина игра во двата правца, и во напад и во одбрана, и треба да ја засили конкуренцијата во тимот, но и да го крене квалитетот на играта.
Иако имаше понуди и од други клубови, Горига реши да дојде во Вардар и ќе остане најмалку една сезона, со можност за продолжување на соработката. Тој настапи за Украина на ЕП 2022 година.
Тој неколку сезони е интернационалец, со искуство од играње во Полска и Франција. Играше и во квалификациите за ЕП 2024 година, но тогаш Украина не се пласираше на завршниот турнир.
Горига во Скопје доаѓа од Катар каде што настапуваше за Ал Араби. Претходно, во Франција играше за Екс Ан Прованс, во Полска во Шчечин, а во Украина за Мотор Запорожје.
Во своите витрини тој ги има пехарите од шампионатот и од Купот на Украина. Има настапувано и во СЕХА лигата, каде што го освои третото место со Мотор на Ф4 турнирот во Задар.
– Сигурни сме дека Дмитро ќе се вклопи брзо во нашиот систем на играње и ќе може во целост да го покаже својот квалитет. Со играњето во два правца добиваме играч кој ќе придонесе за помалку менувања и за побрза транзиција.
Тој е и одлична личност која со својот карактер се вклопува во нашата филозофија. Секоја година одиме чекор напред и создаваме тим што во иднина ќе ги донесе посакуваните резултати на клубот, вели Борко Ристовски, извршниот директор на РК Вардар.