Чуварот на мрежата на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, ќе остане во редовите на Валенсија, откако клубот ја искористил постоечката клаузула и еднострано го продолжил неговиот договор до јуни 2028 година.
Во договорот на македонскиот голман постоела опција според која клубот, со одреден финансиски надомест, може самостојно да ја активира клаузулата за продолжување на соработката. Одлуката на раководството на Валенсија била донесена без дилеми, имајќи ги предвид неговите добри настапи во вториот дел од сезоната.
Димитриевски доби значајна улога по повредата на првиот голман Агирезабала, по што ја искористи шансата и со сигурни партии ја оправда довербата на стручниот штаб.
Тренерот Карлос Корберан има голема доверба во македонскиот репрезентативец и, според најавите, тој би требало да биде прва опција на голот и во следната сезона.
Македонскиот голман пристигна во Валенсија во 2024 година како слободен играч од Рајо Ваљекано, а со новото продолжување ќе остане дел од клубот во подолг временски период.