УЕФА вели дека ќе ги превзме сите мерки за подобрување на квалитетот на теренот во Франкфурт по проблемите што на вчерашниот меч ги имаа фудбалерите на Англија и на Данска.
Играчите многу се мачеа поради лошата состојба на теренот. Големи парчиња трева имаше насекаде по теренот уште на почетокот од натпреварот, а по завршувањето персоналот на теренот беше забележан како носи полни кофи со трева.
– Постои план за решавање на конкретните проблеми и дополнително да се подобри квалитетот на теренот пред наредните натпревари, соопшти УЕФА.
Следниот натпревар што ќе се одигра на тој терен е на 23 јуни, меѓу домаќинот Германија и Швајцарија, во групата А.
Словачка и Романија ќе се сретнат на 26 јуни, во групата Е, а последниот натпревар во Франкфурт ќе биде во осминафиналето, на 1 јули, меѓу победникот од групата Ф и една од четирите најдобри третопласирани селекции.