УЕФА го казни Борац Бањалука за скандирањето „Косово е Србија“

Дисциплинската комисија на УЕФА го казни Борац од Бањалука за однесувањето на нивните навивачи на натпреварот против албанската Игнација во првото коло од квалификациите за Лигата на шампиони (ЛШ).

Навивачите на Борац скандираа „Косово е Србија“, што доведе до прекин на натпреварот 10-на минути. Поради ова Борац е казнет со 15.000 евра.

Претходно и Игнација беше казнета со 10.000 евра бидејќи нејзините навивачи за време на реваншот скандираа „Убијте ги четниците“, поради што босанскиот шампион се закани дека ќе го напушти мечот.

Паралелно со оваа вест, клубот од Бањалука излезе со соопштение во врска со реванш натпреварот од второто коло од квалификациите за ЛШ, против ПАОК.

Од клубот истакнаа дека нема да им биде дозволен влез на навивачите кои ги носат амблемите на грчкиот шампион и на неговите пријателски клубови. Оваа забрана особено се однесува на навивачите на белградски Партизан, „Гробари“, кои ги има во голем број во Бањалука.

Од порано беше познато и дека навивачите на ПАОК нема да бидат присутни на овој натпревар поради инцидентите што ги предизвикаа минатата сезона во Лигата на конференции (ЛК).

Реваншот меѓу Борац и ПАОК ќе се игра во среда од 21 часот. Во првиот натпревар во Солун, грчкиот тим победи со 3:2.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО