Претседателот на САД, Доналд Трамп, директно се закани дека би можел да ги одземе Светското првенство 2026 од Бостон и Олимписките игри 2028 од Лос Анџелес. Трамп тврди дека ќе врши притисок врз ФИФА и Меѓународниот олимписки комитет доколку смета дека градовите домаќини не се безбедни или се „под влијание на радикална левица“.
„Можеме да им ги одземеме. Меѓу другото, градоначалничката на Бостон, Мишел Ву, не е добра, таа е радикална левица и делови од градот се под нејзина контрола“, изјави Трамп на настан каде присуствуваше и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј. Тој нагласи дека ќе ја контактира ФИФА и претседателот Џани Инфантино за да го префрлат Светското првенство во друг град, доколку процени дека условите се небезбедни.
Трамп исто така го критикуваше и Сијетл и Сан Франциско, наведувајќи дека „се управувани од радикални левичари кои не знаат што прават“. Иако локалните власти во заканетите градови велат дека не се загрижени, ФИФА потсетува дека контрола на безбедносните стандарди зависи од владата на домаќинот.
Лос Анџелес, пак, планира да преземе мерки против рациите спроведувани од Службата за имиграција и царина, по наредба на претседателот, и размислува за прогласување локална вонредна состојба. Ова би значело мобилизирање ресурси, создавање привремени засолништа, обезбедување бесплатна правна помош и поддршка за семејствата погодени од акциите.
Според медиумите, овој потег на Лос Анџелес се толкува како директна порака до администрацијата на Трамп и потенцијална одбрана на локалните заедници.