Поранешниот легендарен напаѓач на Арсенал и на Франција, Тиери Анри е еден од кандидатите за нов селектор на Велс, на местото на Роб Пејџ.
Анри (46), кој ги има тренирано Монако и Монтреал Импакт, е на чело на француската репрезентација (до 21 година) и ќе го води олимпискиот тим на својата земја на Игрите во Париз следниот месец.
Велшаните го отпуштија Пејџ минатиот петок по три и пол години на функцијата, по неуспехот да се квалификува за Европското првенство (ЕП) 2024.
Некои од челниците на ФС на Велс сакаат да ангажираат „големо име“, како што направија кога го назначија поранешниот капитен на Велс и на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс во 2018 година.
Анри е со уште повисок профил, како еден од најголемите играчи на неговата генерација. Тој важи за истакнат телевизиски коментатор, а ценет е и како селектор на Франција, до 21 година.
Велс не ќе може да му понуди на Анри голема плата, како некои други национални асоцијации, но, бидејќи ќе може да ја одржи својата профитабилна медиумска и спонзорска работа, зделката може да се случи.