Тебас: ФИФА го уништува фудбалот, Инфантино треба да си замине

Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, упати жестоки критики кон ФИФА и нејзиниот прв човек Џани Инфантино, обвинувајќи ја светската фудбалска организација дека носи самоволни одлуки, го оптоварува календарот и постепено ја уништува фудбалската индустрија.

Во интервју за италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“, Тебас зборуваше за успехот на шпанскиот фудбал, триумфот на репрезентацијата на Светското првенство, но и за спорните потези на ФИФА за време на турнирот.

Тој оцени дека силата на шпанскиот фудбал се темели на заедничката и долгорочна работа на клубовите, Ла Лига и Шпанската фудбалска федерација.

„Тајната е во заедничката работа. Клубовите во последните години максимално ги развиваа своите младински школи. Ла Лига е силно, квалитетно и одржливо натпреварување, кое во репрезентацијата даде 17 од 26-те повикани фудбалери. Федерацијата, пак, знае како да го препознае и развива домашниот талент“, изјави Тебас.

Де ла Фуенте е производ на шпанскиот систем
Претседателот на Ла Лига посебно го истакна придонесот на селекторот Луис де ла Фуенте, кој во шпанската федерација работи од 2013 година.

Де ла Фуенте почна со младинските категории, а до светската титула стигна со десетмина фудбалери со кои претходно работел во помладите репрезентации.

„Во фудбалот често сите се опседнати со големите имиња, но разликата ја прават луѓето. Ние на сите нивоа имаме исклучително квалификувани професионалци кои работат во интерес на шпанскиот фудбал“, рече Тебас.

Тој потсети дека ниту една земја претходно не успеала истовремено да биде светски шампион и во машка и во женска конкуренција.

Успехот почнува од младинските школи
Според Тебас, клучен дел од шпанскиот модел е финансиската одржливост. Од 2013 година Ла Лига им наметнува прецизни и строги ограничувања на платите на клубовите, што ги принудува повеќе да инвестираат во младинските академии.

„Развојот на талентот носи квалитет на теренот, но и потенцијални приходи. Сите клубови знаат дека патот е младите фудбалери од академијата да стигнат до првиот тим. Неодамна го освоивме Европското првенство за играчи до 19 години, а претходно и олимпиското злато и сениорското Европско првенство. Толку многу трофеи во различни возрасни категории не се освојуваат случајно“, нагласи Тебас.

Тој додаде дека клубовите и понатаму треба да носат големи ѕвезди, но дека долгорочниот успех мора да се гради од основата.

„Паузите за освежување беа лага“
Зборувајќи за организацијата на Светското првенство, Тебас не штедеше критики кон ФИФА.

Како пример го посочи продолжениот полувременски одмор во финалето, кој наместо вообичаените 15 траел повеќе од 27 минути, како и честите паузи за освежување.

„ФИФА ги приспособува работите како што сака и според своите интереси, а не според интересите на фудбалот. Кога им требаат 27 минути пауза, тогаш толку и трае. Паузите за освежување беа лага. И во Ла Лига ги имаме, но само кога навистина е жешко. На стадионите во Далас, Лос Анџелес и Атланта имаше климатизација, а јас на трибините морав да облечам џемпер. Тоа беа паузи за реклами“, изјави Тебас.

Тој го спомена и случајот со суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, оценувајќи дека станува збор за уште еден доказ дека ФИФА одлучува без консултации и исклучиво според сопствените интереси.

„Станува збор за институција која прави што сака и кога сака. Во многу случаи, нејзините одлуки директно му нанесуваат штета на фудбалот“, додаде тој.

Молкот е дел од проблемот
Според Тебас, промените во светскиот фудбал се тешко остварливи бидејќи системот има и активни и пасивни соучесници.

„Некои отворено соработуваат со ваквите одлуки, а други молчат. Го критикуваат системот додека пијат кафе или во приватни телефонски разговори, но потоа не прават ништо за да спречат ваквите работи да се повторуваат“, рече претседателот на Ла Лига.

Тој смета дека случајот со американскиот фудбалер бил исклучително сериозен и дека ФИФА имала среќа што Соединетите Американски Држави биле елиминирани од Белгија.

Во спротивно, како што тврди, можел да избие скандал што директно би ја загрозил позицијата на Инфантино.

Против Светско првенство со 64 репрезентации
Тебас остро се спротивстави и на идејата Светското првенство да се прошири на 64 репрезентации.

Според него, зголемувањето на бројот на учесници нема спортска логика и дополнително ќе ги загрози националните натпреварувања.

„Фудбалската индустрија не е само Светското првенство, иако тоа е најголемиот настан. Не може сè да се врти околу Мундијалот. Националните натпреварувања се тие што го одржуваат спортот“, изјави Тебас.

Тој предупреди дека клубовите и домашните лиги создаваат десетици илјади работни места во текот на целата година, додека Светското првенство трае четириесетина дена и во него учествува само мал дел од професионалните фудбалери.

„Ја уништуваат фудбалската индустрија поради еден настан. Потребни се помалку репрезентативни натпревари и поголема заштита на националниот фудбал на сите нивоа. Одлуките ги носат неодговорно“, нагласи Тебас.

„Инфантино го заврши своето време“
На директното прашање дали Џани Инфантино треба да се повлече од функцијата претседател на ФИФА, Тебас одговори потврдно.

„Според мене, да. Мислам дека неговото време заврши. Но, тој ја има поддршката од системот и од федерациите. Нема опозициски кандидат, бидејќи никој не сака да се кандидира само за да загуби“, рече Тебас.

Тој оцени дека проблемот не е само во еден човек, туку во систем што е „болен од самиот корен“.

„Во Америка слушнав многу луѓе кои се против Инфантино и не се согласуваат со неговите постапки. Тоа го кажуваат, но потоа не преземаат ништо. Не знам што е полошо – молкот или соучесништвото. Оние што молчат многу добро знаат каква штета му се нанесува на фудбалот“, заклучи претседателот на Ла Лига.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО