Наполи ја совлада Фиорентина со 3:0 во првиот полуфинален меч од Суперкупот на Италија и се пласира во финалето во понеделник во кое ќе игра против подобриот од вечерашниот меч Интер – Лацио.
Натпреварот се одигра на делумно исполнетиот стадион „Ал-Авал“ во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија. Италијанскиот Суперкуп годинава за првпат е со формат од четири тима, како и шпанскиот, но се чини дека Саудијците не се многу заинтересирани за него.
Наполи поведе со голот на Џовани Симеоне во 22 минута. Но јунак на мечот беше резервистот Алесио Зербин (24) кој влезе во игра во финишот од мечот и набргу даде два гола, во 84 и 86 минута, за конечни 3:0 за првакот на Италија.
-Зербин има неверојатни квалитети. За жал, луѓето се опседнати со доведување играчи од странство и имаат тенденција да ги игнорираат домашните. Тој постигна два одлични гола, но се’ уште е млад, во некои ситуации нема зрелост, па ни треба малку трпение со не. Но, убеден сум дека му претстои одлична иднина, изјави тренерот на Наполи, Валтер Мацари.