Здружението на фудбалски судии во Италија призна дека пеналот за Интер на мечот против Џенова е погрешно досуден. Тоа директно влијаеше на исходот на натпреварот, бидејќи по тој пенал Интер поведе со 2:0, и на крајот победи со 2:1.
Мортен Фројндруп се обиде да ја расчисти топката пред Николо Барела да шутира кон голот. Дефанзивецот на Џенова ја исфрли топката, но притоа го закачи играчот од средниот ред на „нероазурите“. Судијата Џовани Аиролди покажа на белата точка, а Алексис Санчез го реализираше пеналот.
Уште тогаш гостинските играчи сугерираа дека Фројндруп играл коректно со топката, на што судијата одговорил: „Не е важно дали и како играл со топката, не смее така да стартува“!
Асистентите задолжени за ВАР-системот се обидоа да го натераат Аиролди да се премисли. Тие му наложија повторно да ја прегледа спорната ситуација и да види дали дефанзивецот прво ја шутнал топката пред да го сопне Барела.
– По повторувањата гледаме дека судијата згреши. Тоа се случува на теренот, особено при поагресивните стартови. Тоа го препишуваме на младоста на Аиролди, кој не можеше да го промени првичниот впечаток за ситуацијата. ВАР-асистентите се обидоа да му помогнат, тој требаше да биде поотворен за она што го виде на репризите.
Можеби имаше друг подобар агол на ситуацијата, но оние што му беа покажани беа доволно убедливи за да се премисли. Во оваа ситуација Фројндруп очигледно оди на топката и дури потоа го сопнува Барела. Аиролди, како млад судија, прво му верува на своето чувство. Лошата работа е што многу се држеше до првичното мислење и не сакаше да го смени, изјави поткомесарот на здружението, Дино Томази.