Најдобриот српски кошаркар, Никола Јокиќ ќе биде на подготовките на репрезентацијата на Србија за настап на Олимписките игри (ОИ) во Париз. Србите денеска почнаа со тренинзите во Стара Пазова, каде што ќе останат до 11 јули.
Селекторот Светислав Пешиќ изрази задоволство поради неговото присуство и е среќен што Србија ќе ја има на располагање најголемата ѕвезда, кошаркарот кој е носител на играта на Денвер нагетс. Долго се шпекулираше дали Јокиќ ќе игра за својата земја на ОИ, но тој ги разреши сите дилеми и им се приклучи на соиграчите.
Пешиќ во моментов го нема на располагање само Никола Јовиќ, играчот на Мајами хит кој заздравува од повредата, додека сите останати ќе му бидат на располагање и ќе се обидат да извлечат добар резултат на ОИ во Париз.
Српската репрезентација ќе има тешка задача уште во групната фаза, каде што за противник ќе ја има селекцијата на САД. Во истата група се уште и Јужен Судан и победникот од квалификацискиот турнир во Порторико.
Без разлика на тоа што се во група со САД, Србија предводена од Јокиќ и од уште неколку НБА играчи, се вбројува меѓу главните кандидати за највисок пласман, веднаш зад „дрим-тимот“ на САД.