Спалети пред мечот со Шпанија: Италија ќе игра елегантно како да носи костуми на Армани!

Селекторот на Италија, Лучијано Спалети пред вечерашниот меч (21 часот) против Шпанија во Гелзенкирхен, рече дека неговата екипа ќе игра елегантно како да е облечена во костумите на Џорџо Армани, но и оти е подготвена да ги „извалка“, ако е потребно.

Спалети инсистира на тоа дека атмосферата во таборот на „азурите“ е мирна и оти неговите избраници се подготвени да играат во духот на националниот идентитет, како што е случајот и со славните дизајнерски костуми.

– Ние го „носиме Џорџо Армани“, а Џорџо Армани е познат низ целиот свет. Ќе ги носиме истите одела (дресови), ќе се обидеме да бидеме исти. Секако дека сакаме да играме на наш начин и да бидеме конкурентни со еден од најсилните тимови.

Ќе бидеме добро облечени, но и подготвени да се извалкаме ако биде потребно, одговори Спалети на новинарското прашање дали натпреварот со Шпанија ќе ја тестира неговата способност да и даде нов стил на Италија.

Спалети рече дека неговите играчи треба да бидат на високо ниво и сконцентрирани во текот на целиот натпревар.

– Мораме да го задржиме истото ниво на интензитет сите 90 минути, да играме брзо, и ако не го сториме тоа, тие ќе не’ казнат, истакна Спалети (65) кој ја презеде селекторската функција во Италија откако Роберто Манчини, шампионот од ЕП 2020, минатото лето замина во Саудиска Арабија.

Италија и Шпанија се сретнаа во полуфиналето на минатото ЕП. Победија Италијанците, на пенали, на Вембли.

Шпанскиот селектор, Луис де ла Фуенте се надева дека овој натпревар ќе ги исполни очекувањата, иако се игра во групната фаза.

– Тие се претенденти за висок пласман на секое натпреварување. Мечот Шпанија – Италија е „класика“, може многу лесно да биде финале. Тие имаат одлични играчи, одличен тренер и вистинска фудбалска култура. Тие се една од најголемите репрезентации, рече Де ла Фуенте.

Ова ќе биде 11-та пресметка меѓу Шпанија и Италија на голем турнир, што е рекорд меѓу две европски нации. Тие на петто ЕП по ред се среќаваат, од 2008 година.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО