Кореецот, Сон Хеунг-мин вели дека сака да биде запаметен како легенда на Тотенхем, но смета дека се’ уште не стигнал до тоа ниво.
Сон, 32-годишниот фудбалер, кој лани во август беше промовиран во капитен на Тотенхем, на местото на Уго Лорис, ја игра 10-та година за Тотенхем во Премиер лигата и има повеќе од 500 настапи.
Тој постигна најмалку 14 првенствени голови во секоја од последните осум сезони и имаше одлично партнерство со Хари Кејн пред капитенот на Англија да се пресели во Баерн Минхен минатото лето.
Прашан какво наследство би сакал еден ден да остави во клубот, напаѓачот на Јужна Кореја, Сон, за „Би-би-си“ изјави: „Легендарно. Да се биде во еден тим 10 години е голема работа. Мора да се биде доследен и да му се даде нешто на клубот.
Сè уште не мислам дека сум легенда на овој клуб. Реков дека сакам да освојам нешто со Спарс, потоа би бил многу среќен ако ме нарекуваат легенда“, рече Сон.
Тотенхем нема освоено поголем трофеј од Лига купот во 2008 година, но Сон се надева дека тоа ќе се случи наскоро, додавајќи оти не си поставува никакви лични цели. Минатата сезона тој постигна 17 гола во Премиер лигата, а Тотенхем заврши на петтото место.