Со тупаници го спасувал семејството на трибините. Сега се соочува со долга суспензија?

Фудбалската конфедерација на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ) отвори истрага за шокантните, насилнички сцени по полуфиналниот натпревар на Копа Америка меѓу Уругвај и Колумбија, 0:1 во Шарлот, САД.

По мечот на трибините имаше физичка пресметка меѓу играчи на Уругвај и навивачи на Колунвија. Во таа борба истакната улога имаше напаѓачот на Ливерпул и на уругвајската репрезентација, Дарвин Нуњез.

Тој беше еден од играчите чие семејство, пишуваат уругвајските медиуми, било малтретирано од навивачи на колумбиската репрезентација на трибините. Откако видел што се случува, Нуњез тргнал да го спасува семејството и да ги одведе на безбедно.

Поради таквите сцени, КОНМЕБОЛ отвори истрага за „да се погледне редоследот на настаните и одговорните вклучени во насилните дејствија што се случија на крајот од натпреварот меѓу репрезентациите на Уругвај и Колумбија“.

„Сакаме уште еднаш да нагласиме и да предупредиме дека нема да толерираме никаква акција што би ја оцрнила оваа глобална фудбалска прослава, која вклучува играчи и навивачи на стадионот, а која ја следат стотици милиони гледачи ширум светот.

Неприфатливо е ваквиот инцидент да ја претвори страста во насилство. Затоа, нема да се толерира однесување кое му штети на спортското натпреварување и на најубавиот спектакл на светот, кој му припаѓа на целото фудбалско семејство“, се додава во соопштението на КОНМЕБОЛ.

По натпреварот, Нуњез е снимен како го држи и го смирува својот син откако го извлекол од трибините. Светските медиуми пишуваат дека тој се соочува со долга суспензија поради учеството во тепачката.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО