Голем скандал ја потресе турската фудбалска сцена, откако Фудбалската федерација на Турција (TFF) суспендираше околу 150 судии под сомнение дека се обложувале на натпревари.
Истрагата покажала дека од вкупно 571 активен судија, дури 371 имале сметки за обложување, а 152 од нив активно учествувале во поставување облози. Меѓу нив имало и седум судии од Суперлигата и 15 помошни судии од највисокото ниво.
Некои случаи се навистина екстремни – еден од судиите имал направено повеќе од 18.000 облози, а уште неколкумина се обложувале на илјадници натпревари, што предизвика шок во турската јавност.
Федерацијата веднаш покрена дисциплинска постапка против сите инволвирани и најави дека ќе побара и кривична одговорност за оние што се обложувале на натпревари во кои учествувале или имале службена улога.
Судиите се суспендирани додека трае истрагата, а според правилникот на TFF, можат да се соочат со забрана за судење од 3 месеци до доживотно исклучување од фудбалот.
Овој скандал е еден од најголемите во историјата на турскиот фудбал и фрла сериозна сенка врз интегритетот на натпреварите. Турските медиуми потсетуваат дека уште пред неколку месеци тренери и играчи предупредуваа на можни неправилности во судењето.
Навивачите реагираа бурно, а на социјалните мрежи се шират коментари дека „Мурињо бил во право“, откако португалскиот стратег претходно јавно ги критикуваше турските судии за сомнителни одлуки.
TFF соопшти дека ќе спроведе детална контрола на сите судии и официјални лица, а доколку се потврдат сомнежите, ќе побара и интервенција од меѓународните фудбалски организации, за да се врати довербата во турските лиги.
Според анализите на турските медиуми, ова е само почеток на голем процес кој треба да ја „исчисти“ фудбалската сцена од нелегални активности и судиски манипулации.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: