Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, не би имал ништо против укинување на продолженијата во осминафиналните и четвртфиналните натпревари на ЕП, иако неговиот тим стигна до полуфиналето со гол во 119. минута против Германија.
Де ла Фуенте смета дека неговите избраници ќе беа посвежи за вечерашниот натпревар против Франција, доколку не мораа да одиграат дополнителни 30 минути во дуелот со Германците.
Само еден четвртфинален натпревар на ЕП не беше решен во продолжението или со ударите од 11 метри. На тој меч Холанѓаните ја совладаа турската репрезентација со 2:1 во регуларните 90 минути од натпреварот.
– На турнир како ЕП, кој е толку напорен, дополнителното време од 2х15 минути би можело да се укине, им изјави Де ла Фуенте на новинарите во Минхен, додавајќи дека продолженијата за полуфиналето и финалето треба да се задржат.
Де ла Фуенте смета дека укинувањето на продолженијата и директната транзиција на пенали во првите две рунди од нокаут фазата „би им помогнале на играчите да бидат многу посвежи за подоцнежната фаза од натпреварувањето“ што ќе придонесе за нивните подобри игри.
Во истовреме на Копа Америка во САД кои се домаќини, во нокаут фазата, освен во финалето, не се играат продолженија доколку нема победник во основните 90 минути, туку се оди директно на пенали.
Така беа решени три од четирите четвртфинални натпревари, а само Колумбија стигна до полуфиналето со убедливата победа (5:0) против Панама во регуларниот дел од мечот.