Шпанија ја мина и Грузија, во четвртфиналето ги чека најтешкиот ривал досега

Шпанија ја победи Грузија со убедливи 4:1 и се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство (ЕП) каде што ќе игра против домаќинот Германија, во петок во Штутгарт, во „финалето пред финале“.

Грузија, дебитантот и едно од најпријатните изненадувања на ЕП, поведе со автоголот на Робин Ле Норман, но Шпанците покажаа дека се многу квалитетеј тим и направија целосен пресврт, со головите на Родриго, Фабијан Руиз, Нико Вилијамс и Дани Олмо.

– Создадовме многу шанси, можеше да биде и 8:1. Оваа победа е многу важна бидејќи противникот беше навистина добар. Знаеме дека следниот натпревар против Германија можеше да биде и финале. Тоа е голем ривал со кој ќе се соочиме, ќе биде интересно, изјави селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.

Шпанија која игра одлично на ЕП во групната фаза ги доби трите натпревари без примен гол, а во ист стил одигра и против Грузија и ја оправда фаворитската улога. Наредниот ривал секако е најтешкиот досега и победникот може на крајот да се закити со шампионската титула.

– Тоа е патот на кој се наоѓаме. Германија игра дома и ќе биде уште посилна, но ние не се плашиме. Сигурен сум дека и тие ќе бидат загрижени. Ќе мораме да играме фантастично, но тука сме да се обидеме да победиме, а не да играме добро и да оставиме добар впечаток, рече Родри на следниот меч на Шпанија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО