Шокантен пораз на најдобрата на светот. Не и „лежи“ тревата на Вимблдон

Во третото коло на годинашниот грен слем турнир на Вимблдон, Јулија Путинцева од Казахстан направи големо изненадување победувајќи ја најдобрата светска тенисерка, Ига Швјонтек од Полска, со 3:6, 6:1, 6:2, во мечот што траеше точно два часа.

Швјонтек, петкратната грен слем победничка, никогаш немала поголем успех на турнирите на трева. Таа е доминантна на земјени и на тврди терени, но сè уште не успеала да се справи со тревата на Вимблдон, каде што не минала подалеку од четвртфиналето.

Дека не и оди на трева се покажа и на овој меч. По освојувањето на првиот сет, таа буквално застана на теренот и до крајот освои само три гема против разиграната Путинцева, 35. тенисерка во светот. Овој пораз значеше крај на победничката серија на Швјонтек од 21 натпревар.

Во осминафиналето Путинцева ќе игра против Летонката, Јелена Остапенко која ја совлада Американката Бернарда Пера со 6:1, 6:3.

Тунижаката Онс Жобер, која загуби во финалето на Вимблдон во 2022 и 2023 година, повеќе не е на турнирот. Таа во третото коло беше поразена од Украинката, Елина Свитолина со 1:6, 6:7.

Елена Рибакина, шампионката од 2022 година, ја победи поранешната светска тенисерка број 1, Каролина Вознијацки од Данска која доби „вајлд карта“ за настап, со убедливи  6:0, 6:1.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО