Шпанецот, Серхио Рамос (38) половина година е без клуб. Откако летово му истече договорот со Севилја, Рамос сега, според гласините кои го преселија во Саудиска Арабија, МЛС и извесно време во Реал Мадрид, конечно е на пат да најде нов клуб?
Според пишувањата на англиските, но и на некои шпански медиуми, Рамос наскоро би можел да се пресели во Њукасл! „Страчките“ наводно му нудат плата од 10 милиони евра за 1,5 годишен договор. Њукасл би требало да ја засили одбраната која очигледно не е на потребното ниво сезонава.
Њукасл моментално е 10-ти во англискиот шампионат, а познато е дека сезонава амбициите се пласман во Европа. Преговорите меѓу клубот и Рамос се во тек, а неговиот потпис наводно е само формалност.
Рамос е без клуб од летото откако му истече договорот со Севилја. Се споменуваше заинтересираност на Бока јуниорс, но сега Шпанците наведуваат дека легендарниот дефанзивец со задоволство би се вратил да му помогне на Реал.
Но, како што објави шпанскиот новинар Серхио Лопез пред 10-на дена, Реал решил да не го ангажира Рамос, односно ќе донесе стопер во јануарскиот преоден рок.
Раководството на клубот го сведе изборот на три имиња: Емерик Лапорт од Ал Наср, Кастело Лукеба од Лајпциг и Џонатан Таха од Баер Леверкузен.
Рамос е легенда на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација. Освои се’ што можеше да се освои во клупската и во репрезентативна кариера.
За Реал одигра 671 натпревар, постигна 101 гол и запиша 40 асистенции. За родната Севилја постигна 10 гола на 87 натпревари, а за ПСЖ шест гола на 58 натпревари. За шпанската репрезентација даде 23 гола на 180 настапи, а долги години беше капитен на Реал.