Селекторот на репрезентацијата, Каспер Хјулманд (52) поднесе оставка, соопшти Данскиот фудбалски сојуз (ДБУ). Хјулманд ја предводеше данската репрезентација до полуфиналето на Европското првенство (ЕП) 2020 година и до осминафиналето на ЕП 2024-та.
На последното Светско првенство (СП) 2022 година во Катар, Данците беа елиминирани во групната фаза. На последните два големи турнира, на СП 2022 и на ЕП 2024, Данска одигра седум натпревари, без ниту една победа и со само три постигнати гола.
– На тимот му треба нова енергија. Беше неверојатна чест и привилегија да бидам селектор на репрезентацијата четири години. Дадов се’ од себе за да постигнам успех и да ги соберам луѓето околу тимот.
Да ја претставувам мојата земја е апсолутно најголемата работа што можев да ја замислам, но не станува збор за мене, туку за тоа што е најдобро за тимот, изјави Хјулманд за интернет страницата на ДБУ, која додава и оти Мортен Вигорст ќе биде привремен селектор до 2025-та.