Ракометниот клуб Пролет 62 соопшти денеска дека од финансиски причини се повлекува од натпреварување во македонската Суперлига за претстојната сезона.
Скопскиот клуб, кој изминатите години настапуваше во суперлигашката конкуренција под името РК Тинекс Пролет како причина за одлуката го наведе „повлекувањето на генералниот спонзор“.
„Поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Суперлигата за претстојната сезона. Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме“, соопшти РК Пролет 62.
Во соопштението се додава дека клубот останува посветен на својата мисија за развој на млади ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради 64 години.
„Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Суперлигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме“, се наведува во клупското соопштение.
Новата сезона во ракометната суперлига стартува на 5 септември.