Македонскиот интернационалец, Стефан Ристовски го предводеше ослабениот поради повреди Динамо Загреб до ремито без голови против Селтик (0:0) на Максимир во шестото коло од Лигата на шампиони (ЛШ).
Динамо има осум бода, а му преостануваат уште два натпревара во основната фаза од ЛШ. Во јануари му гостуваат на Арсенал, а потоа дома го пречекуваат Милан.
Се очекува три, можеби и два бода од тие два меча да му бидат доволни на Динамо за пласман во нокаут фазата. Ристовски го коментираше продолжението од сезоната по мечот со Селтик.
– Остануваат уште две кола од ЛШ, но фокусот е на домашната лига. И покрај сите проблеми, нема да се предадеме. Кога вака не’ понижувааат и не’ отпишуваат, Динамо е најјак! Така ќе биде.
Во тим полн со повредени, како ви е вам поискусните играчи покрај младите играчи кои мора да играат?
– Знаете како е во фудбалот, кој те прашува колку години имаш. Теренот е единствениот што покажува дали можете да се справите со се’ или не. Секој што носи дрес на Динамо не е случајно тука.
Момците си ја вршат работата, тренираат и се борат за своето место. И покрај годините, тие покажаа вистинска игра и во нив е иднината.
Дали ќе бевте задоволни со бод пред натпреварот?
– Тоа ме прашувате секој пат. Ние секогаш сакаме да победуваме. Во Динамо немало и нема да има случаи да се задоволуваме со бод.
Дали е ова најголемата криза откако сте во Динамо?
– Знаете ли колку бодови имаме во Лигата на шампиони? Прелесно го отпишувате Динамо. Ова е единствениот клуб кој ја претставува земјата во ЛШ.
Кога победуваме, сите се околу нас. Кога ќе се изгуби, тогаш се зборува за криза. Во однос на повредите, ова е несомнено најтешкиот период, нешто се случува. Но, нема време за плачење, треба да се гледаме во иднината, да се бориме.