Првенства на Македонија во шах: клучна победа за Коскоска, Лазов со триумф до директен дуел со Панчевски

Отвореното првенство на Македонија во шах влегува во својата завршна фаза откако вчера во Скопје се одиграа партиите од седмото коло, во кое играчите на ШК Алкалоид имаа забележителни настапи.

На првата табла, веќе три рунди по ред, дуелите кои се дерби на колото завршуваат со поделба на поенот, па така беше и во случајот со ФМ Андреј Велјаноски (2290) и ИМ Филип Панчевски (2432). По мала пауза, ИМ Панчевски се одлучи за Сицилијанска одбрана, но откако имаше мала позициона предност на почетокот, не беше доволно прецизен во натамошниот тек и понуди реми, кое противникот го прифати.

Изненадувањето на денот се случи на втората табла, каде што ИМ Емил Ристески (2365) загуби од младиот Антон Златков (2257), па дојде до нивна ротација на врвот од табелата.

На третата табла ИМ Тони Лазов (2358) освои цел поен во дуелот од седмото коло против Горан Главинац (1993) и се врати во водечката група на играчи кои во последните две кола од Отвореното првенство на Македонија ќе атакуваат на титулата за 2024 година. Членот на ШК Алкалоид се соочи со Петрова одбрана, која води кон таканаречена Руска партија, чија репутација е дека води кон реми-позиција. Поради тоа ИМ Лазов направи транспозиција во Отворањето со 4 скокачи, па откако двајцата влегоа во ноторно изедначена средишница, успеа да спроведе стратегија и позиционо да го надигра противникот. Имено, неговиот белополен ловец од најслаба фигура на таблата (поради пешаците кои, исто така, беа на бели полиња), по неколку маневри стана клучен за плетење матна мрежа, а на крајот Лазов понуди жртва на топ, кога противникот одлучи дека е време да се предаде.

Стојан Велкоски и Филип Михов, кои потекнуваат од младинскиот погон на нашиот најтрофеен клуб, ремизираа во своите дуели со ветераните ФМ Илиќ, односно Трајковски, со што имаат по 4,5 бода на своето салдо и се на делба од 9. до 18. место.

Во утрешното осмо коло на првата табла ќе играат Златков и Велјаноски, додека, пак, ИМ Лазов и ИМ Панчевски на втората табла низ директен дуел ќе се обидат да го одлучат кој ќе остане во борба за новата шампионска титула. Само Златков има шест бода, додека, пак, другите тројца имаат по 5,5 поени.

На турнирот во женска конкуренција ЖИМ Габриела Коскоска успеа да ја прекине низата на Леа Ефтовска, која блескаше во првиот дел од турнирот. Откако во претходните дуели со ривалките за висок пласман Коскоска имаше црни фигури, овојпат таа ја имаше предноста на почетниот потег и успеа да ја претвори во победа, со која изби на чело на табелата. Повеќекратната шампионка од ШК Алкалоид има шест бода од седум кола, додека, пак, Ефтовска и Жежовска со 5,5 се веднаш зад неа.

Партиите од претпоследното осмо коло ќе се играат со почеток од 17:30 часот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО