Проблеми за Анчелоти: Шпанските даночници му се закануваат со речиси пет години затвор!

Шпанското јавно обвинителство отвори постапка против Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, за затајување данок во 2014 и 2015 година, објавија шпанската телевизија ТВЕ и новинската агенција ЕФЕ.

Анчелоти платил данок на платата што му ја давал Реал Мадрид, но приходот од маркетинг и од спонзорските договори не ги пријавил на даночната управа.

Даночната шпанска управа смета дека тој требало да плати 386.361 евра во 2014-та и 675.718 евра во 2015 година.

Даночната управа ова го пријавила на државниот правобранител, кој смета дека 64-годишниот Италијанец свесно избегнал да ги плати тие околу еден милион евра со тоа што ги префрлил своите права на користење на фотографиите на неименувани фирми од кои добил паричен надомест.

Со оглед на тоа дека станува збор за кривично дело, за Анчелоти е побарана и затворска казна од 4,9 години.

Анчелоти, кого вечерва со Реал го очекува мечот со Лајпциг во Лигата на шампиони (ЛШ), не го коментираше случајот. Реал Мадрид исто така не се огласи околу наводното обвинение.

Претходно неколкумина играчи на Реал, меѓу кои и Лука Модриќ, беа обвинети за затајување данок на приходи од маркетинг и од спонзорските договори. Повеќето од нив потоа се спогодиле со даночната управа со плаќање на бараниот данок и со парична казна.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО