Поради немање снег 60. Мавровски меморијал се одржува во Словенија!

Поради неповолните снежни услови во Маврово, јубилејниот 60-ти Мавровски меморијал во нордиско скијање (прв пат во 1962 година), денеска и утре се одржува во ски-центарот Покљука, во Словенија.

Најстарото нордиско натпреварување на Балканот, се одржува во чест и во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14-те граничари кои ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година.

Организатори на настанот се Скијачката федерација на Македонија (СФМ), Меѓународната скијачка федерација (ФИС) и ски-клубот Мирна Долина.

Според информациите од СФМ, на дводневните натпревари треба да настапат околу 150 скијач(к)и од 10 земји, од Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Бугарија, Грција, Унгарија и од Естонија.

Македонија во машка конкуренција ќе ја претставуваат Ставре Јада, Давид Торевски, Дарко Дамјаноски и неколку млади, надежни скијачи. Кај жените се Ана Цветаноска, Матеа Трајковска, Сара Јосимовска и три млади скијачки.

Денеска се трча на патеката долга 7,5 км, а утре на 5 км, во двете конкуренции.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО