Почнува 111. Тур де Франс: Прв старт во Италија и прв финиш надвор од Париз!

Со утрешната прва етапа во Фиренца, Италија почнуваа 111-тото издание на легендарната, најпрестижна велосипедска трка во светот, Тур де Франс која ќе заврши во Ница, на 21 јули.

Велосипедистите, вкупно 176 од 22 тима, ќе треба да се справат со седум планински етапи, на Пиринеите и на Алпите за време на трката долга 3.492 километри. Ќе има и два индивидуални хронометра.

Сите погледи се вперени во дуелот меѓу словенечкиот велосипедист, Тадеј Погачар и бранителот на титулата. Јонас Вингегард од Данска. Тие двајца победија на последните четири трки, по двапати, и сега имаат за цел да триумфираат по трет пат.

По убедливата победа на Џиро д’Италија, Погачар се смета за прв фаворит на Тур, по победите во 2020 и 2021 година. Доколку Погачар победи ќе биде првиот, по Италијанецот Марко Пантани во 1998 година, кој ги освоил Џиро и Тур во иста сезона.

Во меѓувреме, Вингегард се опорави од тешките повреди во април, ќе настапи на Тур и ќе се обиде да стане шестиот возач, и првиот Скандинавец, што триумфирал трипати по ред.

Покрај двајцата главни фаворити, други можни кандидати за триумф се Примож Роглич од Словенија, победникот на Џиро 2023 година и Ремко Евенепуел од Белгија, кој победи на шпанската Вуелта во 2022 година.

Годинашната трка е единствена поради повеќе причини. За прв пат трката почнува во Италија, по повод 100-те години откако Отавио Ботекија стана првиот Италијанец, победник на Тур де Франс.

Исто така ова ќе биде првиот Тур што ќе заврши надвор од Париз, поради подготовките за Олимписките игри (ОИ), со финалната етапа на индивидуален хронометар од Монако до Ница.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО