Денеска почна јануарскиот преоден рок, период во кој клубовите ќе се обидат да се засилат со потребните играчи во потрагата по освојување трофеи.
Во три од петте најквалитетни европски лиги, во англиската Премиер лига, во германската Бундес лига и во француската Лига 1 преодниот рок почна на 1 јануари и ќе трае до четврток, 1 февруари.
Во шпанската Ла лига и во италијанската Серија А, зимскиот трансфер „прозорец“ ќе се отвори утре, на 2 јануари и ќе трае, исто така, до 1 февруари.
Вообичаено во јануари, на половината од сезоната, клубовите трошат помалку пари на нови играчи отколку во лето, но сепак може да се случи некаков поголем трансфер.
Лани во јануари Премиерлигашите потрошија 815 милиони фунти за трансфери, повеќе од Ла lига, Бундес лига, Серија А и Лига 1 заедно!
Голем дел од оваа сума потроши Челси, кој ги купи Енцо Фернандез за рекордни 106,8 милиони и Михаило Мудрик за 88,5 милиони фунти. Вкупно Челси купи осуммина нови играчи за 323 милиони фунти.