Легендарниот кошаркар на југословенската репрезентација и на сплитска Југопластика, Ратомир Рато Тврдиќ, почина на 81-годишна возраст, пишува Вечерњи лист.
За клубот од Сплит тој настапуваше 18 сезони и постигна 5.561 кош, а на збогувањето од активното играње во 1977 година во Сплит, беше почестен од избраниот тим на ФИБА.
Тврдиќ со Југопластика освои две државни првенства (1970 и 1977 година) и три купа (1972, 1974 и 1977 година). Двапати го освои Купот Радивоје Кораќ (1976 и 1977 година), а беше и вицешампион на Купот на европските шампиони (КЕШ) во 1972 година.
Со репрезентацијата на СФРЈ освои две светски сребра (1967 и 1974-та) и едно злато (1970). Во успешната кариера освои и три европски медали, сребрен во 1969 година и златни 1973 и 1975 година.