Матс Хумелс (35) станува слободен играч. Легендарниот германски стопер нема да го продолжи договорот со Борусија Дортмунд. Така Борусија за два дена остана без тренер и клучен стопер.
Един Терзиќ вчера поднесе оставка, а денеска и Хумелс реши да си замине. Тие двајца беа во кавга последните недели и беше објавено дека Хумелс му дал ултиматум на клубот. По заминувањето на Терзиќ се очекуваше тој да остане, но на крајот сепак си замина.
Германскиот стопер во три наврати настапуваше за Борусија. Прв пат во сезоната 2008/2009 како позајмен играч од Баерн. Потоа трајно се пресели во Борусија во 2009 година и остана во следните седум години.
Од 2016 до 2019 година играше за Баерн, а од 2019 година повторно беше играч на Борусија. Досега ги одби понудите од МЛС и Саудиска Арабија.
Со „жолто-црните“ освои две титули во Бундеслигата, два Купа на Германија и еден домашен Суперкуп. За Борусија одигра 508 натпревари, постигна 38 гола и асистираше 23 пати.
Сезонава на 40 настапи даде четири гола и еднаш асистираше. За германската репрезентација има одиграно 78 меча и дадено пет гола. Хумелс не е дел од составот на Јулијан Нагелсман на ЕП.